Текстилната индустрија, иако не толку профитабилна, има голема важност за извозот на земјата. Многу капацитети за производство на облека се изградени пред повеќе од 50тина години, но и во последните 30 години текстилот е значајна индустриска гранка во земјата. Во периодот по независноста, голем дел од компаниите постепено се приватизираа и со текот на времето овие производствените капацитети се вградија во транснационалните ланци на снабдување и сега произведуваат облека за европските пазари повеќе од 90% од компаниите работат на лон-систем и само мал број имаат свои брендови.
Денеска текстилната индустрија е еден од најразвиените економски сектори во Северна Македонија, со над 1100 компании активно вклучени на различни нивоа на производство, покажуваат статистичките податоци. Индустријата вработува 34.000 работници и произведува извоз во вредност од над 400 милиони евра. Компаниите во овој сектор и глобално се препознаени како лојален и професионален партнер на голем број светски познати брендови.
Но, реалноста покажува дека и нашата текстилна индустрија не е и не може да биде исклучок: дигиталната трансформација е иднината и со сигурност ќе да се прифати овој иновативен тренд. И домашните експерти се согласни дека дигитализацијата со помош на современи технолошки решенија несомнено помага да се подобри продуктивноста, ефикасноста и да се постигнат деловните цели без да се трошат време и ресурси.