Стапките за вработување се неповолни за жените – 38,4 отсто наспроти учеството на мажите со речиси 60 отсто, беше посочено на третиот панел во рамките на тридневната конференција Skills4futureWeek
Жените се дел од поголемиот процент на неформалната економија или работа на црно, дури 32,5 отсто, тие со помал процент се застапени на пазарот на трудот или со 40,7 отсто, а мажите со 59,3 отсто. И стапките за вработување се неповолни за жените – 38,4 отсто наспроти учеството на мажите со речиси 60 отсто. Родовите разлики постојат и во традиционалните индустрии, каде што на некој начин претходно се определени некои начела. Жените во поголем број работат во некои традиционални индустрии, како текстилната, но малку се застапени во електросекторот…
Уште многу факти не одат во прилог на родовата еднаквост. Каква е застапеноста на жените во дигиталната револуција каде можностите се големи за сите, се дискутираше на третиот панел во рамките на тридневната конференција Skills4futureWeek што ја организира УНДП, а завршува денеска.
Елена Грозданова, државна секретарка за родова еднаквост при Министерството за труд и социјална политика, на панел-дискусијата рече дека во 2007 година е формиран овој сектор за еднакви можности. Работат на креирање на политики кои треба да го унапредат статусот на жената во нашата држава. Таа потенцираше дека многу транспарентно, отворено, со вклученост и на граѓанските асоцијации и на меѓународните организации работат на планот на подобрување на положбата на жените во сите сфери од општеството и имаат добри резултати.
– Не можеме да го заборавиме и фактот, кој за жал е еден од причините за споменатите бројки. Тоа се стереотипите и она што значи детерминирање на машки и женски професии уште со самото раѓање на децата. Но нашата држава не е единствена во регионот, во Европа и пошироко во однос на ова прашање. Токму тука лежат сите оние причини и последици за поголемата вклученост на жената во области или дејности како што е информатиката, техниката, науката итн. Затоа сите заедно треба да преземеме обврски уште со самото раѓање на децата, самото вклучување во образовниот процес. До неодамна имавме илустрации каде што стереотипно беа прикажани позициите, односно работните обврски на девојчињата и на момчињата. И други надворешни фактори многу влијаат на стекнувањето самодоверба кај девојките и подоцна кај жените за да се вклучат во ваквите сектори – рече Грозданова.
Таа објасни дека пред Ковид-19 била направена анализа во рамките на Европскиот институт за родова еднаквост во Вилнус, меѓутоа се однесувала на државите-членки на ЕУ. Анализата покажала дека и во земјите-членки на ЕУ многу е помал бројот на девојчињата кои се вклучуваат и сакаат да работат во вакви професии.
Универзитетската професорка Никица Мојсоска-Блажевски, која е и директорка на Македонија 2025 рече дека само 53 отсто од работоспособните жени се вклучени на пазарот на трудот. Само половина од сите жени кои можат да работат воопшто бараат работа или се вработени.
– Тоа го гледам како голема загуба за општеството. Ние не создаваме БДП, не произведуваме, бидејќи половина од жените се надвор од пазарот на труд. Некои истражувања покажуваат ако се изедначи бројот на вработени мажи и жени, нашиот БДП ќе порасне за дури 15 отсто. Од жените кои ќе влезат на пазарот на труд, само половина работат, а другата половина бара работа. Во нашата економија, ние користиме само една четвртина од расположливиот капацитет, односно женскиот потенцијал за работа и за производство. Тоа е голема загуба за општеството и тоа е основа зошто треба да зборуваме за поголема вклученост на жените на пазарот на труд – рече Мојсоска-Блажевски.
Нееднаквоста постои и во структурата на работата, во заработувачката и во професиите кои што жените ги работат. Иако жените се доста застапени т.н. професионалци и стручни лица, сепак постои еден феномен на „стаклен плафон“ во кој жените стигнуваат во кариерата до одредена позиција, но напредувањето кон менаџери и извршни директори е многу тешко.
– Четири пати е помала веројатноста жените да започнат свој бизнис, за разлика од мажите и многу помалку се работодавачи. Постои релативно висок јаз во платите кој изнесува од 18 до 19 отсто. Понизок е од просекот во ЕУ кој што е 23 отсто, меѓутоа постои. Тоа се пресметува со споредување на релативно исти маж и жена со исто образование, ист број на години работно искуство, исти вештини, работат во слична индустрија или иста индустрија и се гледа разликата во платите – рече Мојсоска-Блажевски.
Нина Ангеловска, претприемачка, претседателка на Асоцијација на е-трговија и поранешна министерка за финансии вели дека клучот е секој да си ја најде работата што сака да ја работи и постојано да учи и да се усовршува.
– Една изрека вели „Dance like nobody is watching“, јас велам „Work like nobody is watching“. Кога нема луѓето да погледнуваат колку е часот за да си заминат од работа, кога ќе си ја сакаат работата, само тогаш ќе бидат добри и ќе можат да ги искористат можностите – вели Ангеловска.
Таа објасни како успеала да ги искористи можностите или поточно да креира можност кога не постоела. Во 2011 година кога го почнувале „Групер“, е-трговијата во Македонија скоро и да не постоела.
– Картичките се користеа само за готовина од банкомат. Велат, некој може да види можност таму каде што другите не гледаа и да ја зграпчи. Мислам дека ние бевме ентузијасти, но бевме подготвени да работиме напорно. Не сметав дека жртвувам кафиња, дружби или серии, туку бев толку посветена што ми „летаа“ 15 часа на работа и уживав во тоа, во развивање и растење на компанијата – рече Ангелова.
Таа смета дека технологијата може да биде дел од решението против корупцијата, за поеднаков свет, за поголеми можности и еднакви права на мажи и жени.
– Дигиталниот јаз сè повеќе се зголемува, особено во кризата. Има многу жени кои немаат доволно дигитални вештини, а можат да работат од дома. Постојат многу дигитални платформи и затоа треба да им дадеме дигитални вештини за да може од каде било да се чувствуваат независни и да може да генерираат сопствен приход. Не ги користиме можностите затоа што сè уште имаме слаби вештини, ниска свест и мораме на тоа да работиме – рече Ангеловска.
Сања Бојаниќ, заменик-постојана претставничка на УНДП смета дека храброста и волјата понекогаш треба да ги добиваме од семејството, особено кога општеството не ни ги овозможува. Така ќе можеме да ги надминеме сите пречки.
– Затоа УНДП се бори за интегрираност. Сево ова е поврзано и секој проект има своја важност, бидејќи само сите алки врзани прават цврст синџир. Како организација се трудиме да ги нотираме сите недостатоци кај жените за да можеме да им овозможиме вештини кои ќе ги направат конкурентни на пазарот и ќе им дадат идеи и можности за да бидат еднакви. Сите проекти на УНДП се така насочени да можат да ја трансформираат неактивната жена во Македонија и да ја направат конкурентна на пазарот – рече Бојаниќ на панел-дискусијата.
Тридневната конференција Skills4futureWeek во органзиација на УНДП е во рамките на проектот „Премостување на јазот кај вештините за создавање нови и подобри работи места“, а завршува денеска со две дискусии кои ќе се одржат во SkillsNext Центарот во Тетово.
Source: UMNO.MK
Read more articles : https://skills4future.mk/news/